Main       |        About Us        |      Latest News      |      Photo Gallery      |       Activities       |      Contact        |     Links  

 

 

 

 

 

 

 

Dnevnik, 1 Oktomvri, 2002

ПРЕД ОБЈАВУВАЊЕТО НА ИЗВЕШТАЈОТ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

Албанија брза да си го подобри досието за почитување на малцинските права

Рокот за нашиот источен сосед е четири месеци за да го подобри своето очајно досие за почитување на малцинските права, во кое спаѓаат забрана за формирање етнички партии, неовозможување нормален попис, невклучување на малцинствата во полицијата и попречување при образованието

Советот на Европа подготвува извештај за почитувањето на малцинските права во Република Албанија, кој, според друштвата на Македонците во Албанија, сериозно ја вознемирил Тирана.

Извештајот го подготвува група од 18 набљудувачи, кои во Албанија престојувале во мај годинава и контактирале со Владата, со претставници на невладините организации и на малцинските организации. Според Кимет Фетаху, претседател на македонското здружение "Мир" од Тирана, албанската Влада по посетата на набљудувачите на Советот побрзала да подготви проекти за подобрување на правата на малцинствата.

- Овие проекти што ги предложија не содржат ништо конкретно, туку само обид на Владата да ја ублажи критиката што ќе дојде на нејзина сметка. Владата само зборува дека сака да ги реши проблемите на малцинствата, а не кажува што ќе направи - вели Фетаху.

Марк Невил од Советот на Европа вели дека до крајот на неделава неговиот оддел, задолжен за следење на малцинските права, ќе подготви извештај. Но, овој извештај ќе се крие од јавноста уште четири месеци, со што на Албанија ќе и се даде време да ги коригира најголемите пропусти на планот на малцинските права.

- По четири месеци Советот на министрите од Советот на Европа ќе подготви извештај за почитување на малцинските права во Албанија, кој ќе и биде достапен на јавноста - вели Невил. И тој вели дека албанската Влада понудила неколку проекти за подобрување на положбата на малцинствата, но е без повеќе детали за нивната содржина. Владата подготвила одделна стратегија за интегрирање на ромското малцинство.

Четирите македонски друштва во Албанија, "Мир", "Гора", "Преспа" и "Мед", велат дека македонската заедница во Албанија се соочува со огромни проблеми. Пред се Македонците, како и другите малцинства во Албанија, не можат да се декларираат како Македонци, бидејќи на албанскиот попис немаше графа за етничка припадност. Македонците не се застапени во албанската полиција, имаат минимални права за образување на мајчин јазик и не се застапени во Парламентот.

- Во Преспа има двајца полицајци-Македонци, кои се задолжени да креваат рампа. Сите шефови на полицијата се Албанци, а албанските полицајци имаат право кога сакаат да влегуваат во куќите, ги плашат децата, прават што сакаат. Тие мислат дека се уште е режимот на Енвер Хоџа - вели Едмонд Темелко, претседател на здружението "Преспа".

Според албанската Влада, само два проценти од населението се припадници на малцинствата, додека според претставниците на македонската, грчката, ромската, српската и другите етнички заедници, околу 30 проценти од жителите на Република Албанија не се етнички Албанци. Според Фетаху, во Албанија живеат најмалку 120 илјади жители чиј мајчин јазик е македонскиот, при што само во Тирана живеат 30 илјади етнички Македонци. Според другите здруженија бројките се движат и до 350 илјади етнички Македонци во четиримилионската Албанија. Но, само жителите на девет села имаат можност да се образуваат на македонски јазик. Според Темелко, одвај една четвртина од "наставата на македонски јазик" во овие села навистина се одржува на македонски, а другите часови се на албански. Албанија не обезбедува учебници на македонски јазик, туку ги тера учителите и родителите сами да се снаоѓаат за учебници.

- Република Македонија три години не снабдуваше со учебници, но тоа не е обврска на Македонија, туку на Република Албанија. Ако продолжи вака, од 15 октомври ќе ја бојкотираме наставата - вели Темелко.  

Цветин Чилиманов

 

Copyright © 2003 macedoniansinalbania.org All rights reserved
Terms of Service Feedback: info@macedoniansinalbania.org