|
|
||
|
Main | About Us | Latest News | Photo Gallery | Activities | Contact | Links |
||
|
|
||
|
|
Makedonsko Sonce,
br. 434, 25. 10. 2002 ИНТЕРВЈУ Проф. д-р Кимет Фетаху, член на раководството на Заедницата на Македонците во Албанија АЛБАНИЈА Е МУЛТИЕТНИЧКА ДРЖАВА
МС: Господине Фетаху, следејќи ги вашите активности околу подобрувањето на човековите права и слободи на Македонците во Република Албанија можеме да констатираме дека работите полека тргнаа на подобро. Дали ова наше размислување е точно или сте насочени кон изнаоѓање на нови патишта кои ќе Ви овозможат заедно со другите малцинства да ги уживате сите права што ви следат во една модерна и демократска држава? ФЕТАХУ: Треба да се потенцира дека од 1991 година кога Албанија се отвори кон светот и започнаа да се одвиваат новите демократски процеси, кај македонското население се создаде една чудна збунетост која со себе го носи времето и самиот поим "право". За да можам оваа духовна состојба да ви ја објаснам, ќе морам да се послужам со некои податоци кои малку се познати во јавноста. Македонското население во Албанија не е малку по број, мислам по број на луѓе или жители во однос на целокупното население. Во Мала Преспа има Македонци кои од дамнина живеат на оваа почва, но дури во 1945 година го добија правото да го учат мајчиниот македонски јазик во училиштата. Тоа право до 1948 година го имаа и Македонците од Голо Брдо. Но, по Информбирото се прекина со наставата и нашите од овој крај останаа без можноста да го изучуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Според наши податоци, бројот на Македонците што го користат македонскиот јазик изнесува 120.000, а можеби и повеќе. Има уште многу други кои на разни начини се асимилирани и живеат по градовите во Албанија. Бројот на нашите луѓе е многу поголем и затоа нашата положба не може да се подведе под прашањата за човековите права и слободи, туку во суштина се кријат националните права на Македонците. Ние треба да ги разликуваме тие две работи. ВО СЕНДВИЧ МС: Мислите на бројното македонско население и правата што мораат да ги добијат во Албанија, бидејќи третманот на Македонците мора да биде соодветен на Албанците што живеат во Македонија и во другите соседни држави!? ФЕТАХУ: Видете, проблемот со националните права секогаш мора да се сфати сериозно. Наместо да се зборува и да се посочува на еден, десетина, илјада, тука треба да се укажува на стотина и повеќе илјади Македонци. На еден или десетина лица може теоретски да им се дадат правата, но практично не може да им се подобрат условите за живот. Немате шанса да им отворите училишта, а уште помалку да им дадете пристап до медиумите. Затоа ние сета енергија ја насочивме во два правца кои мислиме дека ќе ни озвозможат да се избориме за правата на Македонците во Албанија. Прво, треба да изнајдеме внатрешни сили кои трајно ќе ја туркаат целава работа и, се разбира, да се побара целокупна поддршка од македонското население. Втората работа околу која се согласивме е дека мораме да соработуваме со другите национални малцинства во државата, бидејќи маките ни се исти. Правата на Грците, на Власите, на Македонците, на Ромите, на Србоцрногоците и другите малцинства што живеат во Албанија не се разликуваат во однос на генералните национални барања за подобрување на положбата на националностите. Но, сепак морам да кажам дека Албанија за разлика од Грција и Бугарија има направено неколку позитивни чекори во однос на македонското национално прашање. Барем официјално го признаваат македонското малцинство. Албанската држава го признава и грчкото малцинство, но ги негира Власите, ромското и србоцрногорското малцинство. Меѓутоа, и на тој план има нешто да се каже и да се додаде. Прво, Албанија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на малцинствата од Советот на Европа. Тој потег е позитивен. Но, од друга страна Албанија има намера со поголема брзина да влезе во европските структури. Таа сака да го потпише Договорот за асоцијација и стабилизација со Европа. Меѓутоа, Советот и другите европски структури ја условуваат да донесе низа закони за подобрување на положбата на националните малцинства. Значи, Албанија се наоѓа во сендвич - од една страна притискаат малцинствата, а од друга страна притискаат европските институции. Затоа сметаме дека во моментов се чувствува позитивна клима за подобрување на правата на Македонците во Албанија. Но, сега со сите сили и средства треба да бидеме концизни и конкретни во нашите барања. Ние како Македонци моментно сме организирани во четири друштва: во градот Корча го имаме друштвото "Мет", во селото Рудник го имаме Македонското егејско друштво, а друштвото "Преспа" во преспанскиот регион. Друштвото "Мир" ги обединува Македонците што живеат по албанските градови и во областа Голо Брдо, а горанското друштво ги зближува Горанците што живеат близу Шар Планина. Оваа година успеавме по три години интензивна работа и соработка да формираме Заедница на Македонците во Албанија. Тоа значи дека друштвата имаат лимитиран суверенитет, односно за некои работи сега Заедницата одговара за проблемите и сите прашања за Македонците. Ние соработуваме и со другите малцинства во Албанија.Треба да се знае дека во Албанија, освен Македонци и Грци, живеат и Власи, Србоцрногорци, Роми и Египјани. Сакам да потенцирам дека до 1990 година, бидејќи немаше податоци, државата се сметаше како хомогена држава на албанскиот народ. Албанија е мултиетничка држава каде што живеат Албанци, Македонци, Грци, Србоцрногорци, Роми, Власи, Египјани итн... Вкупно нас малцинствата не има повеќе од 30 проценти од населението. Тоа е голем број. Една третина од населението на Албанија отпаѓа на малцинствата. Што значи државата мора да ги преземе сите права што им следат на националните малцинства, а според меѓународните правни принципи таа мора и да одговара за нивното спроведување во општеството. Таа мора да овозможи отворање на училишта во кои ќе се учи мајчиниот јазик на малцинствата. Истовремено мора да ни дозволат да имаме пристап во државните медиуми каде ќе имаме содветна емисија или програма на македонски јазик. Затоа треба да се менува Уставот на Република Албанија, бидејќи во него не може да пишува дека таа е само држава на Албанците. Како што веќе напомнав, во целокупниот број на населението една третина отпаѓа на малцинствата. Покрај ова, треба да се менува и изборниот Закон со кој би се дало шанса, можност и право на припадниците на малцинствата да влезат, или да бидат избрани како пратеници. МС: Според сегашните изборни правила на малцинствата не им се остава простор за заживување на национални партии и затоа немате можност да ги претставите проблемите на Македонците во албанскиот Парламент. На кој начин се обидувате да ги претставувате заедничките интереси на сите малцинства во Албанија? ФЕТАХУ: Нашите права ги бараме на два начина. Првата варијанта е да се користи искуството во соседните земји на Балканот, како на пример во Романија, во Унгарија, на Косово во Југославија, каде од пропорционалниот изборен модел колачот се дели и одреден број пратенички места се наменети за малцинствата. Втората линија ја гледаме преку формирање политичка партија на малцинствата, самостојно или во коалиција. Тоа зависи од политичкиот амбиент и на оваа тема веќе сме зборувале и сме преговарале. Ние на овој план веќе разговаравме со "Омонија" организација што се грижи за правата на Грците во Албанија. Со влашките друштва имавме одредени контакти, а на оваа тема е разговарано и со претставниците на Србоцрногорците, со Ромите и со Египјаните. На ова поле во Албанија има една партија што се нарекува Партија за човекови права. Меѓутоа, таа нема чиста политичка филозофија, чиста програма. Тоа е партија која постојано се буни, расправа и реагира за општите права на човекот и на малцинставта. Сепак, ние мораме да ја користиме оваа партија, бидејќи имаме одредени допирни точки кои се приближуваат до нашите национални стратешки цели. Но, од друга страна нема да зачудува ако ние како Македонци се организираме во некоја партија. ПАРАЛЕЛНА БОРБА МС: Што велат првите искуства на овој политички план? ФЕТАХУ: Нашите првични искуства велат дека албанското општество е определено кон двете најголеми партии: на Фатос Нано - Социјалистите и на Демократите на Сали Бериша. Тешко е да се пробиеш и затоа треба време, треба работа, големи напори и залагања. Но, се разбира дека се потребни и финансии. Партија со празни џебови не се прави. Во целава ситуација јас никогаш не би рекол дека едната од другата варијанта е подобра. Мора да се работи паралелно и со големо внимание да се следи политичката ситуација. Притоа мора да се прават и соодветни анализи за проценка на одредените ситуации, бидејќи народот е изгорен од лагите и маките на поранешните политички претставници. Затоа мора да се предложи некоја перспективна политичка визија за македонското население во Албанија. МС: Каде сега треба мудро да се насочува целокупната енергија на македонските друштва и новоформираната Заедница. Дали во создавање на партија или кон притисок на европските структури за подобрување на положбата на Македонците во Албанија? ФЕТАХУ: Ние никогаш нема да се откажеме од првата варијанта да се организираме и да создадеме политичка партија. За таа цел идејата што ја реализиравме со создавањето на Заедницата на Македонците во Албанија е еден тампон, или чекор напред за да бидеме поблиску до идејата за политичко организирање. Знаете дека од четири друштва се формира Заедницата и сега не е тешко таа да се преобрази во политичка партија. Законите во Албанија тоа го дозволуваат. Од друга страна ние продолжуваме да контактираме со европските структури. Ние на ова поле последниве неколку години на два пати се сретнавме со Макс ван дер Штул. Постојано комуницираме со Советот на Европа, со господинот Марк Невил. Редовно се слушаме со амбасадорите на Советот на Еропа и на ОБСЕ во Тирана, многу пати сме реагирале и кај дипломатскиот кор во Албанија итн... Значи, ние континуирано притискаме да се остварат нашите барања. Тоа ние го документираме и постојано го актуелизираме. Треба да знаете дека албанското општество и албанската политичка администрација е тврда. Ќе чујат, ветуваат, но никогаш не ги решаваат нашите национални проблеми. Не сакаат да ги отворат. Тоа е стара стратегија која веќе со години ја знаеме. Власта треба да сфати дека веќе мора да се разговара на оваа тема и да се решаваат натрупаните македонски национални проблеми. МС: Резолуцијата што заеднички ја потпишаа лидерите на националните малцинства во Албанија наликува на контурите на Рамковниот договор од Охрид. Дали тој сооднос од 20 проценти што го наметнаа Албанците во Македонија го барате вие и сакате да ги уживате истите права што го има албанското население во нашата земја? ФЕТАХУ: Ако се чита Резолуцијата ќе пронајдете многу елементи што се слични со охридскиот документ. Зошто е тоа? Европските структури за решавањето на проблемот во Македонија направија еден преседан. Со еден документ, договор, се ветува дека проблемите на малцинствата ќе се решат. Ние како Македонци во Албанија, малцинство, мислиме зошто тој документ, тој преседан, да не важи и за албанското општество, за албанската држава. ПРЕСЛИКУВАЊЕ НА РЕАЛНОСТА МС: Дали мислите на едната третина од населението што припаѓа на националните малцинства во Албанија? ФЕТАХУ: Мислам токму на оваа бројка која некои албански политичари упорно сакаат да ја игнорираат. Зошто тој договор да не го користиме и да не го изгласаме? Јас не сум сигурен, но знам дека во Македонија 65 проценти се Македонци, а другите отпаѓаат на малцинствата: Албанци, Турци, Роми итн... Триесет осто од малцинствата во Албанија со триесет и петте проценти во Македонија, не се далечни бројки. Значи, ситуацијата е идентична, само што не е иста реалноста во Албанија со ситуацијата во Македонија каде Албанците имаат далеку поголеми национални права. Во Македонија националностите имаат своја програма во државните медиуми, а ние тоа право го немаме во Албанија. Истото се однесува и на весниците и на училиштата. Значи, ситуацијата битно се разликува, иако бројот на малцинствата во албанската држава е приближен колку во Македонија. Затоа ние сакаме истото искуство, истата реалност, да ја воведеме во Албанија. Тоа не значи дека јас Албанците во Македонија ги гледам како слаб елемент во градењето на државата. Верував дека Албанците ја сметаат Македонија како своја држава и дека работат за нејзино зајакнување, за подобар живот, за поголем стандард. МС: Како реагира албанската Влада, власта, кон оваа Резолуција? ФЕТАХУ: Само молчат. Единствено Албанската академија се огласи. Таа преку одредени нејзини претставници остро реагираше и се спротивстави на нашите културни и цивилизирани барања. Тие впрочем никогаш не сакаат Резолуцијата да ја прифатат како идеја која говори за мултиетничноста на Албанија, на албанското општество кое за жал е реалност и стварност. Пред овие факти не може повеќе да се затвораат очите, туку ќе мора да се разговара. МС: Дали со другите здруженија на малцинствата во Албанија ќе настапувате координирано во однос на заедничките интереси и барања? ФЕТАХУ: Да. Ние завршуваме еден координиран круг на активности. Сега делегација на Здруженијата ќе мора да бара прием кај претседателот на Собранието на Албанија од кого ќе бараме да ни даде официјален одговор во однос на барањата што се инкорпорирани во документот, односно во заедничкатата Резолуција. По ова многу бргу ќе патуваме за Атина каде ќе имаме средби со грчките политичари што се во Парламентот. Па одиме за Белград, Подгорица, Скопје и за Букурешт каде ќе ја претставиме Резолуцијата и ќе бараме нивен координиран притисок врз албанската власт. Некаде кон крајот мај 2003 година треба да сме присутни во Советот на Европа. Тоа ни е стратегијата за рекламирање на оваа Резолуција и таа треба да биде прифатена од албанската држава, од албанското општество. Идентична ситуација Ако се чита Резолуцијата, ќе пронајдете многу елементи што се слични со охридскиот документ. Зошто е тоа? Европските структури за решавањето на проблемот во Македонија направија еден преседан. Со еден документ, договор, се ветува дека проблемите на малцинствата ќе се решат. Ние како Македонци во Албанија, малцинство, размислуваме зошто тој документ, тој преседан, да не важи и за албанското општество, за албанската држава. Една третина од вкупното население припаѓа на националните малцинства, бројка која некои албански политичари упорно сакаат да ја игнорираат. Зошто тој договор да не го користиме и да не го изгласаме? Јас не сум сигурен, но знам дека во Македонија 65 проценти се Македонци, а другите отпаѓаат на малцинствата: Албанци, Турци, Роми итн... Триесет отсто од малцинствата во Албанија со триесет и петте проценти во Македонија не се далечни бројки. Значи, ситуацијата е идентична, само што не е иста реалноста во Албанија со ситуацијата во Македонија каде Албанците имаат далеку поголеми национални права. Во Македонија националностите имаат своја програма во државните медиуми, а ние тоа право го немаме во Албанија. Истото се однесува и на весниците и на училиштата.
Copyright © 2003
macedoniansinalbania.org
All rights
reserved |
|