Main       |        About Us        |      Latest News      |      Photo Gallery      |       Activities       |      Contact        |     Links  

 

 

 

 

 

 

 

Utrinski vesnik, 9 noemvri, 2002

Вчера во Мала Преспа беше отворено првото радио на македонски јазик во Албанија


Македонскиот глас се слуша во Мала Преспа

 

Свеченост во Пустец

 

 

 

Вчера во Пустец, Мала Преспа, беше отворено првото радио на македонски јазик на Македонците во Албанија со што се отвори повеќегодишната желба на луѓето од овој крај да бидат информирани на мајчин јазик.

"Ние Македонците не сме прифатени од албанските медиуми. Сите тие нў напаѓаат врз национална основа, а ова радио ни е повеќе од потребно покрај тоа што ќе информира, и да ги демантира сите шпекулации што тие ги шират за нас Македонците", истакна на отворањето претседателот на Друштвото "Преспа", Едмунд Темелко.

Главниот уредник на радиото, Лазе Никола, истакнува дека нивните амбиции се големи и дека сакаат тоа да се слуша до Корча. Тој особено нагласи дека тоа посебно ќе се грижи за зачувување и регистрирање на македонскиот народен фолклор.

Радио Преспа се очекува да придонесе за зачувување на македонскиот национален идентитет и за поопстојно информирање на Македонците, меѓутоа неговата чујност е мала и главно се слуша во селата околу Пустец, каде што живеат неколку илјади Македонци. Наспроти тоа, пак, во Албанија се проценува дека има повеќе десетици илјади Македонци, а најголемата концентрација е во Тирана, Драч, Корча и во други градови. Додека Македонците од Мала Преспа и Голо Брдо можат да ги слушаат и гледаат македонското радио и телевизија, тие од главниот град на Албанија сите информации ги добиваат од албанските медиуми. Токму поради тоа се јавува потребата од отворање на второ македонско радио, а подоцна и на телевизија и во Тирана. Донеодамнешниот амбасадор во Албанија, Ристо Никовски, кој има голема заслуга за отворањето на Радио Преспа, на свеченоста истакна дека асимилацијата на Македонците во Тирана и другите поголеми градови е најголема, а отворањето на радиото на македонски јазик во голема мера ќе ја спречи. Радио Преспа беше помогнато од Советот за радиодифузија на Македонија, но неговиот претседател Љубомир Јакимовски истакна дека радиото не треба само да информира, туку да ја регистрира секоја македонска песна што се пее во Мала Преспа, секоја приказна. Предавателот на радиото го обезбеди фирмата "Дасто" од Скопје, а едукацијата и подготовката е извршена од Супер радио од Охрид, чиј сопственик Веле Митановски обезбеди и музички материјал. (В.Ц.)

 

Copyright © 2003 macedoniansinalbania.org All rights reserved
Terms of Service Feedback: info@macedoniansinalbania.org